Во просториите на Македонскиот олимписки комитет денеска беа претставени тројцата македонски олимпијци кои од 9. до 25. февруари ќе не претставуваат на 23. Зимски олимписки игри во Пјонгчанг, Јужна Кореја.
Нордиецот Ставре Јада ќе биде македонскиот знаменосец на отворањето на ЗОИ. Јада ќе се натпреварува во две дисциплини, 15 километри и спринт. Останатите двајца македонски олимпијци се Антонио Ристевски во алпско скијање (слалом и велеслалом) и Викторија Тодоровска (крос кантри – дисциплина 10 километри).
„Во Пјонгчанг очекувам да завршиме со нашите најдобри времиња во соодветните дисциплини. Мојот фокус ќе биде ставен на трката на 15 километри“ – истакна Ставре Јада.
Олимпијците заминуваат со скромни очекувања, како што истакна и претседателот на МОК, Васил Тупурковски, и поради систематската недоверба од целокупната домашна спортска јавност во нив.
„Тие уште пред да заминат на ЗОИ се чувствуваат потценети, испратени со недоверба од целокупната спортска јавност а посебно од државата Македонија. Мора државата повеќе да вложува во овие наши репрезентативци. Во среда ќе имам и состанок со државниот врв за подобрување на состојбите во спортот. Досега сите овие спортисти се снаоѓале на свој начин, како знаат и умеат за натпреварување во овие тешки спортови. Тоа мора да се промени во иднина ако сакаме подобри резултати“ – истакна на испраќањето на олимпијците, Васил Тупуровски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА