Норвешка со извонредна игра ја елиминираше Германија и стигна до финалето од СП 2019, но финишот од полуфиналната пресметка се покажа кобен за Магнус Род, кој заработи незгодна повреда на мускулот.
„Ако е истегнување или кинење, сигурно нема да играм против Данска“ – изјави Род.
А јасно е дека конечниот исход на финалето многу ќе зависи од тоа дали десниот бек на Норвежаните ќе може да му помогне на Сагосен во надворешната линија на актуелните светски вицешампиони, во обид да стигнат до првото злато.
„Секако, има големо подобрување. Вчера двајца соиграчи го носеа, не можеше да оди, денеска веќе се движи без никаков проблем. Дали ќе може да трча – ќе видиме утре“ – истакнуваат докторите на норвешката репрезентација.
Шансите за медицинско чудо се минимални, ракометар да може да настапи неполни 48 часа по ваков вид на повреда, но со оглед на значењето на Род за играта на Норвешка јасно е зошто селекторот Берге до последно ќе чека да види дали асот на Фленсбург ќе може да настапи на утрешното финале.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА