Норвешка ракометна лекција за Холанѓанките

Норвешка е вториот финалист на ракометниот мундијал за жени откако вечерва лесно и убедливо ја декласираше селекцијата на Холандија со резултат 25-35.

Дуелот беше израмнет само до 7-7, по што Норвежанките со четири гола во низа за првпат се одлепија посериозно, поведоа со 7-11 и потоа го добија и полувремето со 14-18. Вториот дел почна со апсолутна доминација на скандинавските ракометарки кои одиграа фуриозно поведувајќи со 16-25. Холандија не се предаде, успеа да намали на 21-25, но Норвешка со нова серија повторо се одлепи на поголема предност (21-29), по што рутински го приведе полуфиналето до триумф изразен со конечните „плус десет“.

Реистад одигра уште еден одличен меч и со десет гола беше најзаслужна за убедливата победа, Нора Мерк постигна пет погодоци, додека најефикасна меѓу Холанѓанките беше Полман со шест погодоци.

Противник на Норвежанките во неделното финале ќе биде Германија, која во првото полуфинале го совлада актуелниот светски првак Франција со 29-23.

Се вчитува...