Германија ќе ја има поддршката од преполните трибини „Баркликард арена“ во Хамбург, во обид да ја совлада Норвешка и да се пласира во големото финале што в недела ќе се игра во Хернинг, Данска. Германците во досегашните шест натпревари забележаа пет победи и едно реми, максимално користејќи ја предноста што ја дава домашниот терен.
Сепак, дуелот со Норвешка е меч на кој се нема право на грешка, што дефинитивно ќе создаде дополнителен притисок врз селекторот Прокоп и германските ракометари.
„Дефинитивно ќе ни биде неопходна поддршка од трибините. Навивачите се фантастични цело првенство, очекувам истото да биде случај и во Хамбург. Норвешка е силна репрезентација што можеме да ја добиеме само со максимална борба на теренот и минимизирање на грешките“ – изјави германскиот кормилар.
Двете селекции досега се имаат сретнато девет пати, при што Германија има пет победи, две реми и два порази од норвешкиот национален тим. Скандинавската репрезентација пред две години го освои второто место на СП во Франција, што е најголем успех во историјата на норвешкиот машки ракомет.
„Уживаме да играме вакви натпревари, секогаш го извлекуваат најдоброто од нас. Игравме во Данска против Данска и загубивме, денеска очекувам да бидеме уште подобри против вториот домаќин на Мундијалот. Се уште боли поразот во полуфиналето во ЕП 2016 кој значеше и губење на шансите за пласман на ОИ, но ја научивме таа лекција“ – истакна норвешкиот селектор Кристијан Берге.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА