Екипите на Англија и Швајцарија ќе се спротивстават во Дизелдорф во третата четвртфинална пресметка на Евро 2024. Натпреварот е на „Меркур Шпил-Арена“ од 18 часот, а победникот ќе се сретне во полуфиналето со една од селекциите на Холандија и Турција, кои играат меѓу себе подоцна денеска.
„Трите лава“ имаат само еден пораз во последните 24 средби со Швајцарија, а последниот пораз од овој противник го имаат во 1981 година. Сепак, нивниот досегашен настап во Германија не е нималку убедлив, за разлика од оној на Швајцарија. Англичаните беа на секунди од збогување со сонот откако заостанаа во осминафиналето со Словачка до 95. минута. Сепак, магичната изведба со ножички зад грб на Џуд Белингем во петтата минута од шест минути дополнително време ја задржа Англија на турнирот. Словачка прими гол и на самиот старт од првото продолжение Хари Кејн направи целосен пресврт. Сепак, критиките за играта се доста сериозни, поради што, според англиските медиуми, Герет Саутгејт ќе преземе радикална промена за својот стоти натпревар како тренер на „трите лава“.
Швајцарија се пласираше во четвртфиналето на многу поубедлив начин, откако избраниците на Мурат Јакин го надиграа и го елиминираа европскиот шампион Италија со 2-0. Швајцарците загубија само три од последните 14 натпревари во европските натпреварувања, така што овој тим не може да се гледа како аутсајдер во никој случај. Ова е петто четвртфинале за Швајцарија на еден голем турнир, при што овој тим ги загуби четирите претходни настапи во оваа фаза. Сепак, тимот на Јакин е во серија од осум натпревари без пораз и исто така загуби само еднаш во последните 18 натпревари во сите натпреварувања.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА