Нов бран на апсења во Турција, „паднаа“ 14 фудбалери

Новиот бран апсења во Турција го спроведе локалната полиција по налог на обвинителството, кое со месеци истражува осомничени за местење на голем број фудбалски натпревари.

Во новата акција спроведена во петокот, уапсени се дури 29 лица, од кои 14 биле фудбалери, а 24 од нив се задржани во притвор, објавија локалните медиуми, цитирајќи го соопштението на Јавното обвинителство во Истанбул.

Ова е втор бран масовни апсења во Турција, по оној што го потресе турскиот фудбал на почетокот на ноември.

Во тоа време, шест судии и претседателот на прволигашкиот тим Ејупспор беа лишени од слобода.

„Издадени се потерници за 29 лица, вклучувајќи 14 фудбалери, а 24 од нив се приведени“, соопшти обвинителството во петок.

Истрагата за обложување во турскиот фудбал заврши на 27 октомври 2025 година, кога Турската фудбалска асоцијација објави дека внатрешната ревизија пронашла докази за широко распространета активност на обложување.

Беше откриено дека во мрежата за обложување биле вклучени стотици судии на кои, според кодексот за интегритет на ФИФА и УЕФА, им е забрането да се занимаваат со било каков вид коцкање. Претседателот на Турската фудбалска асоцијација, Ибрахим Хаџиосманоглу, ги опиша доказите како „пресвртница за турскиот фудбал“ и вети дека ќе спроведе реформи насочени кон враќање на довербата на јавноста во судењето.

На почетокот на 2025 година, турскиот фудбал воведе построга контрола врз судиите.

Се вчитува...