Сапуницата околу статусот и иднината на Мауро Икарди во Интер секојдневно продолжува со нови епизоди, па така денеска беше обелоденето дека Антонио Конте воопшто не го повикал Аргентинецот на тренинг-кампот во Лугано, на кој новиот тренер ќе почне со работа со „нероаѕурите“. Екс-капитенот воопшто не возвраќа на повиците на членовите на управата, а ваквиот потег на новиот кормилар е јасна порака дека Конте воопшто не смета на Икарди.
Италијанскиот стручњак не крие дека негова голема желба е ангажман на Ромелу Лукаку, во меѓувреме Интер ги финализира и преговорите со Рома за трансферот на Един Џеко, па повеќе од јасно е дека за Икарди ќе нема место во тимот на Конте за наредната сезона. Сепак, ваквото отстранување од тимот од првиот ден на подготовките може да послужи како дополнителен аргумент на Икарди по најавите дека Аргентинецот подготвува тужба за мобинг против клупската управа.
Само за потсетување, голгетерот инсистира на трансфер во Јувентус, одбивајќи ги сите останати понуди. Интер е подготвен да разговара само доколку во размена за него го добие Дибала, но оваа опција пропадна бидејќи „десетката“ на Јуве не сака ни да чуе за преселба на „Џузепе Меаца“. „Старата дама“ го нуди Игуаин плус пари, што е неприфатливо за Интер, но јасно е дека оваа сапуница ќе продолжи и во периодот што следи, бидејќи позитивен исход од кој би биле задоволни сите страни не е ниту на повидок.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА