НЕнад Димитријевиќ одигра уште еден квалитетен меч, но неговиот Уникс Казањ го претрпе првиот пораз во плејофот од ВТБ-лигата сезонава откако во вториот полуфинален дуел загуби на домашен терен од Локомотив Кубањ со резултат 71-84. Големиот пад во последната четвртина беше причина за поразот на Уникс, кој во репризата од ланското финале сега има 1-1 пред двете средби на гостински терен.
Мечот почна одлично за тимот на тренерот Перасовиќ, откако Димитријевиќ со неколку асистенции ги разигра соиграчите, па Уникс поведе со 24-12. Штом македонскиот плејмејкер излезе од игра предноста експресно се истопи, па во втората и во третата четвртина се следеше израмнета игра на двете страни. Пресудни беа последните десет минути во кои гостите доминираа, го добија овој дел од мечот со 17-32 и заслужено израмнија на 1-1 во оваа полуфинална серија.
Димитријевиќ стигна до дабл-дабл од 12 поени и 11 асистенции, надополнети со пет скокови, што за жал се покажа недоволно за нов триумф на Уникс.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА