Нов ден, нов „џин“ за Поцеко: Ќе успее ли Италија да приреди уште едно изненадување?

Битката за полуфинале на Евробаскетот 2022 продолжува денеска со натпреварот помеѓу Франција и Италија од 17 часот и 15 минути. По приредување на најголемото изненадување на континенталниот собир со елиминацијата на Србија и Никола Јокиќ, „аѕурите“ ќе се обидат да рушат уште еден „џин“ под обрачите.

Франција со Руди Гобер и Еван Фурние не играат во претпознатливото светло, но „триколорите“ влегуваат во натпреварот против Италија како фаворити.

„Имавме три дена да се подготвиме. Мораме да влеземе во натпреварот максимално концентрирано. Целта ни е златен медал, но одиме чекор по чекор. Имаме уште многу пред нас, но тоа е убавината. Мислам дека ова е најдобриот Евробаскет на кој сум настапил во однос на нивото на сите тимови“, изјави Гобер.

„Франција е добар тим, ги знаеме добро. Тие се еден од тритте фаворити за освојување на Евробаскетот, но против Србија докажавме дека можеме да играме против секој и не се плашиме да се соочиме со нив“, вели Спису.

Дали „ниската петорка“ на Италија повторно ќе проработи против „џинот“ во рекетот и ширењето на играта ќе донесе проблем за кој Франција ќе нема одговор останува да видиме. Италија против Србија погоди 16 обиди за три поени, а тој учинок повторно ќе мора да го достигне за радост против Французите.

Се вчитува...