Кристијано Роналдо е решен да си замине од Манчестер јунајтед, огромната плата е причината поради која бројни клубови се откажаа од намерата за негов ангажман, но медиумите упорно наоѓаат нова дестинација за португалската суперѕвезда.
Олимпик Марсеј јавно ги демантираше гласините, во текот на вчерашниот ден се шпекулираше дури и со Глазгов Ренџерс, за денеска тема на денот во неколку англиски и италијански медиуми да биде преселбата на Кристијано Роналдо во Наполи.
Калчолигашот од Неапол уште пред еден месец беше споменуван како заинтересиран клуб за Португалецот, но како дел од целиот „пакет“ сега се најавува и преселба на Виктор Осимен во Манчестер Јунајтед. „Црвените ѓаволи“ сакаат да ангажираат врвен напаѓач во тимот, Осимен дефинитивно влегува во оваа категорија, но прашање е колку Наполи би се откажал од својот најдобар стрелец за да го доведе Роналдо, кој за една година повторно би можел да си замине.
Се шпекулира дека „наполитанците“ би барале 140 милиони евра за нигерискиот напаѓач, како и дека ќе инсистираат Роналдо да го добијат како слободен играч, без никаква отштета.
Како што стојат работите, Манчестер јунајтед нема да прифати вакви услови, па потрагата на нов клуб на Мендеш за Кристијано ќе продолжи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

