Кими Раиконен ќе продолжи да вози во Формула 1 шампионатот во болидот на Ферари, откако денеска потпиша нов договор со италијанскиот тим. Актуелниот договор на Финецот истекуваше на крајот од годинава, во меѓувреме се најавуваше дека тој ќе си замине, но челниците на Ферари сепак искажаа доверба во квалитетите на Раиконен потпишувајќи нов едногодишен договор со него.
„Скудерија Ферари го продолжи договорот со Кими Раиконен, па финскиот возач ќе продолжи да се трка за тимот од Маранело во Ф1 шампионатот и во 2018 година“ – се вели во краткото соопштение на Ферари.
Раиконен, кој е поранешен Ф1 шампион од 2007 година, сезонава заостанува дури 86 бода зад тимскиот колега Себастијан Фетел. И договорот на Фетел со Ферари исто така истекува на крајот од годинава, но Германецот се уште нема донесено одлука дали да остане во овој тим или да избере нов предизвик во кариерата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА