Дарио Срна ќе остане во Шахтјор до крајот на својата кариера откако десниот бек денеска и официјално го стави својот потпис на новиот договор со украинскиот фудбалски гигант. Актуелниот договор на Хрватот истекуваше на крајот од сезонава, но тој го одржа дадениот збор дека нема да си замине од клубот каде ги мина најубавите моменти во својата кариера.
„Отсекогаш велев дека сакам да останам во Шахтјор до крајот на кариерата, со овој нов договор тоа ми се овозможува. Благодарност до управата и до навивачите чија поддршка секојдневно ја чувствувам“ – изјави Срна, потпишувајќи го договорот на својот 35. роденден.
За услугите на овој одличен бек до пред неколку сезони се интересираа бројни гиганти ширум Европа. Тој беше најблизу до заминување минатата сезона, кога Барселона искажа сериозен интерес да го доведе, но откако тој трансфер пропадна за Срна веќе немаше дилеми за останување во Доњецк.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА