Работнички претрпе уште еден пораз, втор по ред од стартот на квалификацискиот турни од ФИБА Европа купот во Скопје откако македонскиот претставник загуби од тимот од Азербејџан, Сабах, со резултат 81-83. „Центарци“ повторно покажаа сериозни осцилации во играта, па по одличното издание во првите дваесет минути дојде до огромен пад во второто полувреме, по што Работнички прокоца предност од 15 поени. Македонскиот тим се врати од „минус 13“ во последниот период, но немаше сили за целосен камбек, уште еднаш покажувајќи низа слабости во играта во која Работнички барем на хартија требаше да сврти нов лист, но дефинитивно ќе има проблеми.
Дуелот почна одлично за „црвено-белите“ кои делуваа беспрекорно на теренот и набрзина стигнаа до двоцифрена предност, добивајќи ја првата четвртина со 25-15. Македонскиот состав во неколку ситуации имаше предност од 14 поени во вториот период, но успеа да ја задржи позитивата на десет поени, на одмор заминувајќи со 47-37. Боби Митев, македонскиот стратег кој седи на клупата на Сабах очигледно експресно ги увиде слабостите на Работнички, па екипата од Азербејџан излезе со целосно променета игра по паузата.
По предноста на Работнички од 52-37 следеше извонредна серија на противникот, кој пред се благодарение на офанзивниот скок успеа експресно да се врати во натпреварот, а потоа во последната четвртина да го комплетира големиот пресврт, за момент поведувајќи и со 13 поени разлика (65-78). „Центарци“ намалија на осум поени на три минути до крајот (70-78), потоа со тројката на Трајс стигнаа и до 77-79 на 90 секунди до крајот. Рикиќ погоди едно од двете слободни фрлања за 78-79, а Трајс петнаесетина секунди подоцна погоди тројка за израмнување на 81-81.
Сабах атрактивно стигна со забивање до ново водство, а Трајс од херој се претвори во трагичар со погрешното додавање на четири секундо до крајот, со кое Работнички и дефинитивно ги загуби шансите за нов пресврт и претрпе пораз со конечни 81-83, откако „центарци“ во последните четири секунди не успеаја да направат прекршок.
Трајс постигна 29 поени за Работнички, Џелетовиќ и ДеКоси реализираа по 19, додека од македонските играчи Шошкиќ постигна четири, а Ѓуроски три поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА