Нов фудбалски поредок: Мбапе си оди од ПСЖ, Реал на готовс

Лионел Меси следното лето речиси сигурно ќе го напушти таборот на Барселона, а за 2021 година се подготвува уште една „фудбалска бомба“ откако Килијан Мбапе решил да си замине од ПСЖ. Францускиот ас е еден од лидерите на францускиот првак, но одбива да потпише нов договор со својот клуб без оглед на значителното зголемување на платата што му се нуди од страна на „светците“. Според последните информации, Мбапе веќе ги известил челниците на ПСЖ дека нема намера да потпише нов договор, а со оглед на фактот дека актуелниот договор му истекува во јули 2022 година, францускиот гигант ќе биде принуден следното лето да го продаде за да не ризикува тој да си замине како слободен играч од „Паркот на принцовите“.

Во преден план во целата ситуација излегува Реал Мадрид, Флорентино Перез не крие дека сака да го доведе Мбапе на „Бернабеу“, а во услови кога се очекува и корона-кризата да биде завршена, „кралевите“ следното лето ќе имаат и значително побогат буџет за засилувања. Воедно, на една година пред истекот на договорот вредноста на трансферот речиси сигурно нема да изнесува над 100 милиони евра, што го прави овој мегатрансфер сосема остварлив.

Килијан Мбапе во изминатите месеци беше поврзуван и со Ливерпул, но јасно е дека англискиот шампион нема толкава финансиска моќ како „кралевите“ за да ја добие оваа трка. Сепак, останува да се види како ќе се одвива ситуацијата во наредниот период, но јасно е дека Барса без Меси и ПСЖ без Мбапе значително ќе загубат на квалитет, а тимовите што ќе ги доведат овие две суперѕвезди веднаш ќе се истакнат како фаворити во трката за европската круна.

Се вчитува...