Нов хаос се заканува на европскиот фудбал откако Рома објави дека нема да го игра утрешниот меч од осминафиналето од Лигата на Европа против Севилја.
„Волчицата“ беше подготвена да отпатува за Шпанија, но прекинот на врските меѓу двете соседни земји поради страв од коронавирусот придонесе шпанските власти да не дадат зелено светло за слетување на чартерот со кој требаше да патува римскиот клуб.
Во таква ситуација, не постои начин Рома да влезе на шпанско тло за да го одигра натпреварот, па италијанскиот прволигаш објави дека нема да се појави на теренот.
Ваков потег веќе најави и Хетафе, објавувајќи дека нема да патува за Милано на гостувањето против Интер, па УЕФА ќе треба час поскоро да се изјасни за овие натпревари, дали истите ќе бидат регистрирани со службени победи на домаќините или ќе биде одреден нов термин и место за одигрување на средбата.
Следната седмица треба да се игра мечот меѓу Барселона и Наполи, за кој постои сериозна опасност шпанските власти повторно да не го пуштат авионот од Италија да слета на шпанско тло, што ќе создаде дополнителен хаос и во елитното европско натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА