Нов хаос во Ла Лига: „Натпреварот мора да се поништи!“ (ВИДЕО)

Шпанската Ла Лига сезонава ја пратат бројни контроверзи со постојани прозивки од клубовите за нерегуларности. Нештата се се полоши со крајот на сезоната во која голема битка се води за опстанокот.

Елче од порано е веќе испаднат, а на две кола пред крајот најтешко му е на Еспањол кој е на 19. место со 35 бода. Каталонците имаат три бода помалку од Ваљадолид, кој исто така е во опасната зона, како и од Кадиз и Гетафе, е Алмерија има 39 бода. На Еспањол му е потребно чудо за да остане во лигата, посебно затоа што гостува на „Местаља“, а потоа ја пречекува Алмерија.

Еспањол пред два дена во 36. коло ремизираше на домашен терен (3-3) со Атлетико. Но, брзо по мечот беа активирани бројни обвинение од Еспањол од каде сметаат дека голот на Гризман бил нерегуларен. Според нив, топката не ја минала гол-линијата, а во Шпанија не постои гол-технологија па единствен начин за проверка е ВАР-системот.

Еспањол се појави и со барање за оспорување на натпреварот и поништување на резултатот.

„Баравме слика на која јасно се гледа дека топката минува зад гол-линијата. Такво нешто не постои. Очигледно е дека постои непрописно користење на правилата и кршење на истите. Еспањол смета дека нашите права се повредени па затоа бараме договор за поништување на натпреварот. Исто така ги разгледуваме и сите правни можности за тужба поради штетата која му е нанесена на клубот“ – истакна тренерот на Еспањол, Луис Гарсија на прес-конференција.

Дополнително е објавена и 3Д снимка на која е востановено дека топката не ја минала гол-линијата. Според снимката, но и согласно анализите на фудбалската јавност во Шпанија, јасно е дека Еспањол е оштетен, но тешко дека натпреварот ќе биде поништен.

Се вчитува...