Долго и напорно ќе биде ова лето во ПСЖ, откако раководството на францускиот шампион не успева да најде начин да го реши конфликтот со Килијан Мбапе.
„Светците“ се решија да го отстранат Мбапе од првиот тим и тој воопшто да не патува со тимот на турнејата во Азија, но сосема изненадувачки првата ѕвезда на тимот доби поддршка од новиот тренер Луис Енрике. Весникот Л’Екип пишува дека шпанскиот стратег сега им е лут на челниците поради даденото ветување дека ќе му биде дадена шанса да соработува со Мбапе, што веднаш остана неисполнето.
Енрике е свесен дека без Мбапе во тимот, но и без пари за да биде доведена соодветна замена, тој ќе има проблеми да состави победничка машинерија со која би го нападнал трофејот во ЛШ. Свесен дека во случај на послаби резултати токму тој прв ќе биде на удар и може да добие отказ, екс-селекторот на Шпанија е подготвен да покаже непослушност кон управата.
„Луис Енрике не е некој што слепо ќе ги следи наредбите кои пристигнуваат од Катар, тој не сака да биде марионета. Неговиот карактер е силен и ќе остане доследен на сопствените убедувања до самиот крај. Ако Мбапе остане во Париз по завршувањето на преодниот рок, нема сомнеж дека Енрике ќе го сака во тимот и на теренот на секој натпревар. Ставот на клубот е јасен, но Енрике нема намера да го игнорира Килијан ако тој се уште е под договор со ПСЖ“, се вели во тектот на Л’Екип на оваа тема.
Дополнителен притисок врз ПСЖ претставува фактот дека Мбапе треба да биде прва ѕвезда на француската репрезентација на претстојните ОИ што наредното лето ќе се одржат во Париз, па никому не му оди во прилог тој цела сезона да биде надвор од натпреварувачки ритам.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА