Нов хаос во Спортинг: Шест клучни фудбалери побараа раскин на договорите

Хаосот во таборот на Спортинг Лисабон не завршува ниту по крајот на сезоната, овојпат во главна улога се фудбалерите кои поднесоа документација за раскин на договорот со португалскиот гигант. Поточно, станува збор за шест играчи кои ланската сезона беа клучни, а кои инсистираат летово да си заминат, и тоа како слободни играчи. Голманот Руи Патрисио ја предводи листата, заедно со него документи прв поднесе Поденс, а во текот на денешниот ден им се приклучија и Вилијам Карвалјо, потоа најдобриот стрелец Баст Дост, како и Желсон Мартинс и Бруно Фернандеш.

Мотивите се добро познати, најпрвин „војната“ со претседателот Бруно де Карвалјо, кој според нив неправедно ги суспендираше по дуелот со Атлетико Мадрид во Лигата на Европа, а потоа и тепањето од страна на навивачите, за кое фудбалерите тврдат дека можело да биде спречено со благовремена интервенција на клубот и обезбедувањето на тренинг-комплексот.

Барањата за раскин се поднесени до синдикатот на професионални фудбалери и до португалската лига, но Спортинг најави дека по судски пат ќе се бори за овие шестмина да останат членови на тимот од Лисабон.

За Спортинг настапува и македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски, кој барем засега не се решава за сличен чекор, очигледно планирајќи да остане во Лисабон и во наредната натпреварувачка сезона.

Се вчитува...