Реал Мадрид со уште еден неверојатен пресврт успеа да стигне до победа над Анадолу Ефес (82-76), втора во четвртфиналната серија од Евролигата со кој стигна до израмнување од 2-2, па двата гиганти ќе мораат да играат мајсторка за да биде решен патникот на фајналфор турнирот во Келн. Пресудна беше последната четвртина што „краалевите“ ја добија со 25-10, правејќи пресврт со кој се изборија за решавачки петти меч во оваа суперинтересна серија.
Слично како и на претходниот меч во Мадрид, Анадолу Ефес повторно делуваше сигурно на патот до победата, но потоа во последната четвртина дојде до огромен пад во играта на турскиот првак. Шејн Ларкин погоди тројка за водство од 59-72 на 7:20 минути до крајот, а од тој момент па се до последниот свиреж на сирената кошаркарите на Ефес не погодија ниту еден единствен шут од поле. На спротивната страна, „кралевите“ одиграа извонредно, блескаше младиот Гаруба во отсуство на повредениот Тавареш, а во последните секунди токму мирната рака на Гаруба и на Љуљ ја осигура победата за конечни 82-76.
Гаруба го одигра својот најдобар евролигашки натпревар реализирајќи дабл-дабл од 24 поени и 12 скокови, ветеранот Керол придонесе со 20 поени во овој триуф на Реал. Кај Анадолу Ефес најефикасни беа Бобуа со 23 и Ларкин со 22 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА