Блокотехна продолжува со серијата одлични игри на стартот од сезоната, откако по двете победи во низа во домашното првенство тимот од Гевгелија го забележа и вториот триумф во БИБЛ, овојпат на домашен терен против Башкими (93-71). Како што можеше и да се очекува, косовскиот тим не беше достоен ривал за амбициозниот состав на тренерот Илиевски, кој знаеше како да создаде предност во раната фаза од мечот и потоа истата да ја одржува.
Горан Главчев постигна пет поени на самиот почеток и ја иницираше серијата од 12-0 со која македонскиот претставник го отвори натпреварот, позитива што потоа Блокотехна ја одржуваше до крајот на четвртината (24-13). Македонскиот прволигаш на средината од вториот период имаше двојно повеќе поени од противникот (36-18), предност по која гостите немаа никаква шанса да се вратат. Блокотехна искусно ја одржа предноста до самиот крај, се до конечните 93-71.
Данило Мијатовиќ беше одличен со 27 поени, Бенџамин постигна 20, а Главчев учествуваше со 15 поени во новата победа на Блокотехна.
Избраниците на Марјан Илиевски во третото коло ги очекува гостување во Софија против екипата на Левски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА