Нов медал на повидок: Георгиевски со фантастична трета рунда до триумф над Мохамед од Египет

Дејан Георгиевски е на добар пат да донесе уште еден медал на Македонија на Медитеранските Игри во Оран, откако најдобриот македонски таеквондист ја мина првата пречка во категоријата над 80 килограми, пласирајќи се меѓу најдобрите четири таеквондисти на МИ во оваа категорија.

Тој за противник гоимаше Ахмад Мохамед од Египет, кого по огромна борба го совлада со 20-18. Дуелот беше суперинтересен, првата рунда заврши 6-6, Георгиевски беше многу подобар во голем дел од втората рунда, но при водство од 12-9 дозволи противникот да му зададе удар во главата и да направи пресврт, поведувајќи со 12-14.

Тоа беше само мотив повеќе за Македонецот, кој брилијантно ја почна третата рунда, за нецела минута поведувајќи со 19-14. Мохамед успеа да се приближи со 19-18, но Георгиевски, кој беше сребрен на последните Олимписки Игри, знаеше како да ја задржи предноста и да се пласира во полуфиналето.

Македонската репрезентативка Сања Поповска загуби во таеквонд, категорија со 57 килограми, од Ашракат Дарвиш од Египет со резултат 5-7.

Се вчитува...