Македонскиот фудбалски прволигаш Работнички уште на првата пречка падна во квалификациите во Конференциската лига, откако по поразот од 3-0 во првиот натпревар, вечерва и на домашен терен беше поразен од Торпедо Белаз овојпат со 0-1.
Работнички како во грч го почна мечот и во ниту еден момент не успеа да преземе иницијатива. Гостите го имаа поседот, но и тие во првите 10 минути не успеаја да створат посериозна шанса кон голот на Василев.
Првата шанса Торпедо ја имаше на влезот во 14. минута кога Политевич биеше од 16-тина метри, но Василев ја одби топката во корнер. А, токму овој корнер се покажа како кобен за „романтичарите“. Седко испрати одличен центаршут, кој рутински го материјализираше Алфред за водство на гостите од 0-1. Гостинскиот тренер многу рано мораше да ја направи првата измена, откако поради повреда теренот во 22. минута го напушти Политевич, а на негово место влезе Глушченков.
Првата полушанса дебармаалци ја имаа во 37. минута, но топката без поголеми проблеми од својот шеснаесетник ја исфрли гостинскиот голман, Малашитски. До крајот на првиот дел гостите имаа уште една шанса, откако Нечаев биеше со глава, но неговиот удар заврши покрај голот на Василев.
Гостите ја имаа првата шанса и во вториот дел кога во 52. минута Камара биеше, но повторно одличен на голот беше Василев кој повторно го спаси својот тим. Василев уште еднаш покажа дека е најдобар поединец во таборот на домаќинот, откако спречи нов гол во 70. минута, по шутот на Алфред. До крајот мируваа мрежите, по што гостите стигнаа и до втор триумф во двомечот (0-1).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

