Нов пораз од Норвешка за искуство плус пред ЕП

Женската ракометна репрезентација на Македонија претрпе пораз од 32-27 на гостувањето против Норвешка, последен меч од ЕХФ Еврокупот во кој нашите ракометарки за ривали ги имаа уште и селекциите на Словенија и на Црна Гора. Слично како и на дуелот во Скопје со Норвешка, повторно Македонија долго време му парираше на противникот, но малиот пад на концентрација во второто полувреме беше казнет, по што актуелните светски шампионки заслужено стигнаа до победата.

Македонските ракометарки од самиот старт на мечот се прикажаа во одлично светло, целосно парирајќи му на противникот во првото полувреме. Стојковски реализираше прецизно за прво водство на нашата национална селекција од 4-5, Во 15. минута Македонија стигна и до „плус два“ преку Саздовска (6-8), позитива што ја одржувавме и при 7-9, 8-10 и 9-11. Норвешката голманка Гранлунд се разбрани пред крајот на полувремето (седум интервенции во првите 30 минути), домашната селекција успеа да се врати, па со гол од пенал во последните секунди на одмор замина со израмнети 14-14.

Македонија парираше до 16-16, а потоа Норвешка додаде гас и набрзина стигне до четири гола предност (21-17). Гичевска и Џатевска реализираа по два гола, негативата беше преполовена на 22-20, но пото следеше мал пад на концентрацијата што фаворитот знаеше како да го казни, експресно поведе со 26-22 и го натера македонскиот селектор на тајмаут. Советите вродија со плод, налетот на домаќинките беше запрен, резултатот гласеше 29-26 на три минути до крајот, но потоа следеа грешки во нашиот напад што Норвежанките ги казнија за да стигнат до конечните 32-27.

Дабевска беше одлична во македонскиот напад со пет погодоци, по четири гола постигнаа Гичевска, Ристовска и Јанеска, додека по трипати прецизне на денешниот меч беа Џатевска и Саздовска. Најефикасна на натпреварот беше норвешката репрезентативка Новак, со девет гола од десет обиди.

Без оглед на шесте порази на овие шест натпревари, јасно е дека пресметките со поквалитетните ривали ќе бидат огромен плус и искуство пред предизвикот наречен европски шампионат на крајот од годинава.

Се вчитува...