Металург грчевито се бореше, но на крај остана поразен и во дуелот со Железничар ( 29-30) запишувајќи го петтиот пораз во регионалната СЕХА лига. Иако во поголем дел од натпреварот беа во 2-3 гола негатива, „металурзи“ до крај останаа во игра и во надеж конечно до првата победа сезонава. Имаа дури девет седмерци, сите успено реализирани од Мартин Серафимов, но на крај и тоа не беше доволно за Металург да дојде до првата победа сезонава.
Во првата четвртина од натпреварот силите на терен и резултатот беа изедначени. И двете екипи поголемо внимани посветија на нападот за сметка на одбраната. Во 15.минута Металург изедначи на 8-8 со петтиот погодок на Мартин Серафимов од исто толку седмерци. А, потоа дојде до пад во концентрацијата и серија од три загубени топки за Металург и на другата страна серија од 3-0 на Железничар за водство од 8-11.
По пет минути без погодок конечно Лука Стојановиќ го постигна деветтиот гол за „металурзи“. Со неколку успешни интервенции Мартин Томовски го спречи Железничар да се одлепи со поголема предност. Но, во финишот на полувремето српскиот тим сепак, зголеми на четири гола предност 12-16.
Марио Танкоски беше прецизен под прекршок по кој најдобриот стрелец на Железничар, Предраг Вејин, заработе црвен картон, а полувремето заврши со водство на гостите од 13-16. Токму Вејин беше најзаслужен за ваквиот резултат, постигнувајќи осум од вкупните 16 гола на Железничар во првите 30 минути.
За седум минути игра во вториот дел, Железничар ја удвои предноста поведувајќи со 22-16, а „металурзи“ како и на претходните мечеви сезонава, почнаа да губат сила и концентрација. Данило Брестовац реагираше со тајм-аут во обид да ја стабилизира играта. Советите донесоа резултат и Металург успеа да фати приклучок намалувајќи ја негативата на 22-24 на стартот од последната четвртина.
Стопената предност пак го натера и Веслеин Вујовиќ да побара тајм-аут настојувајќи да ги врати своите ракометари во вистинскиот ритам. Металург на десет минути пред крај не ја искористи шансата да намали на гол разлика, а Железничар успеа да се одбрани и се врати на безбедни три гола позитива (23-26).
Во последните десетина минути се играше гол за гол, Железничар го бранеше водството, а Металург грчевито се бореше да дојде до позитивен резултат. На неполна минута до крај, Мартин Серафимов уште еднаш беше прецизен од седмерец и намали на 29-30. Но Железничар имаше гол предност и напад кој не го искористија, Металург се обиде во последните секунди да дојде до изедначување, но времето истече и бодовите ги освоија гостите од Ниш.
Мартин Серафимов беше најефикасен кај Металург со девет гола, Мартин Томовски го заврши мечот со 11 одбрани. Кај Железничар листата на стрелците ја предводеше Предраг Вејин со осум погодоци сите постигнати во првото полувреме.
Металург и следниот натпревар во СЕХА лигата го игра на домашен терен, на 20 октомври против Татран Прешов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА