Нов потпис во Наполи, Елмас е чекор поблиску до заминување?

Наполи продолжува со ангажманот на нови засилувања откако тимот од Неапол доцна синоќа го официјализираше доаѓањето на Џакомо Распадори. Станува збор за брзоног офанзивен фудбалер кој пристигнува од редовите на Сасуоло, тим за кој минатата сезона постигна десет погодоци.

Лучијано Спалети нема намера да запре по доаѓањето на Симеоне и на Ндомбеле, а претседателот Де Лаурентис му ја исполни желбата на својот тренер, носејќи го и Распадори во Неапол. Станува збор за едногодишна позајмица вредна пет милиони евра, но и клаузула за задолжителен откуп на договорот наредното лето, кога Наполи ќе му доплати на Сасуоло уште 25 милиони евра.

Симеоне и Ндомбеле би можеле да дебитираат за Наполи веќе на денешниот дуел со Монца, но Распадори ќе мора да почека уште неколку дена за својот прв меч во дресот на „наполитаните“.

Останува да се види како овие трансфери ќе влијаат врз иднината на Елиф Елмас во клубот откако веќе стана јасно дека македонскиот репрезентативец би можел да си замине доколку добие богата понуда. Спалети најчесто го користи Елмас како лев офанзивец во напаѓачкото трио, но од стартот на сезонава е јасно дека улогата на наследник на Инсиње ќе му биде доделена на Грузиецот Кварашкелија, а не на македонскиот „дијамант“. Распадори исто така добро би се снашол во тој дел од тимот, а со зголемата конкуренција во нападот со Симеоне, но и во средниот ред со Ндомбеле, се чини дека Наполи ја отвора вратата за заминување на Елмас.

Милан подолго време се интересира за Македонецот, но во последните денови најинтензивни беа контактите со Евертон, тим што има недостиг на инвентивни играчи во средниот ред и кој би му гарантирал на Елмас поголема минутажа од онаа што ја има во моментов во Наполи.

Се вчитува...