Иднината на Столе Димитриевски во Валенсија повторно е сериозно доведена во прашање без оглед на повредата на Хулен Агирезабала, кој ќе отсуствува од терените најмалку шест седмици.
Се најавуваше дека поради оваа повреда Македонецот ќе остане на „Местаља“, ќе биде прв голман на Валенсија и на крајот на сезонава како слободен играч ќе си замине од овој клуб. Сепак, последните информации говорат дека Димитриевски е блиску до излезната врата веќе во јануари откако неговиот клуб почнал интензивна потрага по нов голман веднш по повредата на Агирезабала.
Французинот Илан Мелие се наоѓа на врвот на листата со желби на „лилјаците“, кои сакаат да го доведат на шестмесечна позајмица од Лидс. Мелие го загуби првотимскиот статус во премиерлигашот и размислува за промена на клупските бои, а во Валенсија би добил можност да ги покаже своите квалитети.
Како што информираат шпанските медиуми, тој бил контактиран од Маркос Абад, тренер на голманите во Валенсија, по што клубовите почнале преговори кои се движат во позитивна насока.
Нема дилема дека доаѓањето на Мелие ќе значи и дефинитивно заминување во јануари за Димитриевски, кој веќе има на маса неколку понуди од Шпанија, но и од италијанскиот прволигаш Џенова и од белгискиот вицепрвак Бриж.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

