Енис Барди повеќе од еден месец е отстранет од првиот тим на Трабзон по одлуката на тренерот Шенол Ѓунеш и на управата македонскиот капитен заедно со Мислав Оршиќ, Умут Бозок и Стефано Денсвил да тренира одвоено подготвувајќи се за јануарски трансфер. Барди веќе доби неколку интересни понуди и се уште размислува за следната дестинација во кариерата – кога дојде до нов пресврт откако Шенол Ѓунеш најавил дека сериозно размислува да ги врати „четворицата отпишани“ во првиот тим.
Тренерот на Трабзонспор бил бесен поради слабото издание на ремито со Кашимпаша, држејќи говор во соблекувалната што траел дури 26 минути. Во него, Ѓунеш отворено говорел за незадоволството од одредени играчи во тимот, најавувајќи дека ќе ги исфрли и на нивно место ќе ги врати Барди, Оршиќ, Бозок и Денсвил. Според турските медиуми, станува збор за Асан, Туфан, Туркман и уште еден играч што засега не се обелоденува во јавноста.
Во прилог на овие најави оди и фактот дека Барди и останатите тројца „отпишани“ од неодамна се вратиле во тренинг-базата на Трабзон. Тие по одлуката за отстранување од тимот тренирале на различен комплекс од првата екипа, но пред неколку дена се вратиле во „Мехмет Али Јилмаз“ комплексот, каде редовно тренира првата екипа на Трабзон.
Останува да се види дали овие најави ќе се реализираат и Барди наскоро повторно ќе го видиме во првиот тим на Трабзон, или капитенот на македонската репрезентација на почетокот од 2025 година ќе ги смени клупските бои.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

