Селекторот Бајиќ се соочува со нов проблем пред самиот почеток на подготовките за претквалификациите за СП, откако Стојан Ѓуроски се приклучи на листата на играчи чиј настап е неизвесен.
Кошаркарот на Аликанте во последните месеци влечеше незгодна повреда на коленото, па во следните триесетина дена ќе претстои трка со времето дали тој ќе може да му помогне на националниот тим во битките со селекциите на Швајцарија и на Словачка.
„Имам воспаление на коленото поради кое морав да заминам на специјалистички прегледи и терапии во Белград. Почнав со специјални вежби, но не знам колку ќе трае рехабилитацијата. Она што е сигурно е дека нема да ги почнам подготовките, а дали ќе се приклучам и кога тоа би можело да се случи искрено не можам да кажам во моментов. Повредата е специфична и не знам дали ќе бидам способен за игра следниот месец“, истакна Ѓуроски за ЕКИПА.
Само за потсетување, капитенот Војдан Стојановски поради повреда нема да настапи, додека неговиот брат близнак Дамјан Стојановски исто така ќе ги пропушти овие претквалификации.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА