Нов проблем за Димитриевски: Леванте се повлече, остана уште една опција во Шпанија

Столе Димитриевски лани ја избра Валенсија со надеж за чекор напред во кариерата, но за жал се случи сосема спротивното па македонскиот репрезентативен голман не само што не брани во овој клуб, туку се мачи и да најде нов ангажман до крајот на овој преоден рок. Леванте беше клубот со кој Димитриевски ги договори личните услови и беше подготвен да потпише договор, но и овој трансфер пропадна откако раководството на Леванте не успеа да се договори со Валенсија.

Информациите од Шпанија говорат дека двата клуба од Валенсија имале неколку рунди разговори кои не вродиле со плод. Понудата на Леванте била само за позајмица на Македонецот, но притоа и барале Валенсија да покрие дел од платата на Димитриевски, што било апсолутно неприфатливо за клубот од „Месталја“.

Валенсија одбила да дава пари за играч што повеќе нема да биде во клубот, а Леванте поради строго ограничениот буџет не е во можност целосно да ја покрие платата на Димитриевски, поради што новиот шпански прволигаш веќе почнал да преговара со други голмани што се достапни на пазарот.

Во меѓувреме Елче најде нов голман потпишувајќи со Пења од Барселона, па Селта останува единствена опција за Димитриевски доколку македонскиот голман сака да остане во Ла Лига. Клубот од Виго уште пред извесно време покажа интерес за Столе, но останува да се види дали Селта ќе успее да најде заеднички јазик со Валенсија, нешто што очигледно не им успеа на челниците на Леванте.

Се вчитува...