Нов селектор – Раул Гонзалес или Данило Брестовац?

Ако се суди според „гласот на народот“ најблиску до селекторската клупа на машката ракометна репрезентација на Македонија се Шпанецот Раул Гонзалес и нашиот Данило Брестовац. Токму Гонзалес кој е актуелен тренер на Вардар и Брестовац кој заедно со поранешниот селектор Ивица Обрван, седи на клупата на францускиот Шамбери, ја уживаат најголемата доверба на публиката во анкетата на ЕКИПА меѓу потенцијалните кандидати за нов македонски селектор што ќе го наследи Лино Червар.

Во меѓувреме, се уште се чека и официјалниот став од РФМ за тоа кој е во потесниот избор, како ќе се бира новиот селектор и што ќе биде изборот – Македонец или странец или „македонски“ Шпанец.

raul kamara vardar metalurg seha

Вардар на Ф4 или Македонија на ЕП 2018, што би било приоритет?

Раул Гонзалес во Вардар дојде во 2014 година и во изминатите три години со македонскиот шампион три пати по ред стигна до четвртфиналето во Лигата на шампионите. Претходно тој му беше помошник на Талант Душебаев во Сиудад Реал и во Атлетико Мадрид, во периодот кога таму настапуваше и македонскиот капитен Кирил Лазаров.

Шпанецот на клупата на Вардар ги освои симпатиите на јавноста со резултатите на терен и со симпатичниот македонски јазик на тајмаутите на мултинационалниот тим на „црвено-црните“.

Вардарци сезонава ја завршија групната фаза во ЛШ на првото место во групата што им носи директен пласман во четвртфиналето. Последна пречка пред долгопосакуваниот пласман на Ф4 турнирот во Келн ќе им биде победникот од дуелот меѓу Фленсбург и Мешков Брест. За Вардар надминливо и реално остварливо.

И токму тука може да биде проблем за потенцијалниот селекторски ангажман на Раул Гонзалес во репрезентацијата на Македонија. Што би било приоритет во работата, настапот на Вардар во завршницата на ЛШ или пласманот на Македонија на ЕП 2018 во Хрватска? Или пак може да се избалансира работа и да има успех и на „двата фронта“ во релативно згуснатиот распоред?!

Вардар во четвртфиналето на ЛШ ќе игра на 26/30 април, а ако го обезбеди историскиот пласман, Ф4 турнирот во Келн е на 3. и 4. јуни. Во меѓувреме, македонската репрезентација во мај ги игра двата квалификациски натпревари со Исланд (4. и 7. мај), а во втората половина на јуни се завршните два дуели, со Украина на 14/15 јуни и со Чешка на 17/18 јуни. Ќе може ли Гонзалес успешно да ги излабалaнсира и двете работи во ситуација кога нема клуб-репрезентација туку во Вардар од стандардниот македонски репрезентативци го има само Стојанче Стоилов?

Ако пак Вардар, во она непосакувано сценарио, и по четврти пат не стигне до Ф4, тогаш не би била сигурна ни и тренерската позиција на Гонзалес во македонскиот шампион, а тоа набрзо сигурно би значело и нова селекторска смена.

Она што не му оди во прилог на Гонзалес како потенцијален кандидат за селектор на Македонија е и тоа што во изминативе три години во првиот состав на Вардар нема многу место за македонските ракометари.

Од друга страна, предноста на Гонзалес во однос на другите странци, освен македонскиот јазик, е и тоа што е во Македонија што ги знае и македонските ракометари од помладите генерации. А, неофицијално, има амин и од највисокото раководство на Вардар за евентуален селекторски ангажман на клупата на Македонија.

obrvan brestovac

Подмладување на составот, подмладување и на клупата

Од македонските тренери, прв фаворит за нов селектор е Данило Брестовац. Поранешниот македонски репрезентативец и тренер во претходниот стручен штаб со Ивица Обрван, добро си ја знае работата, повеќе од сите други ги знае репрезентативците и сите прилики и неприлики во и околу националниот тим, што може да биде и предност, но, и пречка за неговиот потенцијален селекторски ангажман. Брестовац кој во изминативе две години заедно со Обрван е на клупата на Шамбери, важи за еден од најперспективните млади македонски тренери што може да биде подолгорочно решение за македонската репрезентација во фаза на подмладување и смена на генерации.

Актуелниот ангажман на Брестовац во Шамбери и понудата за продолжување на договорот со францускиот тим, не би требало да биде пречка за селекторскиот ангажман. Доколку има прецизен договор меѓу двете страни, без несакани ситуации како онаа од ланското ЕП во Полска кога замина од репрезентативната клупа поради клупските обврски во Франција.

lino cervar i ilija temelkovski

Комбинирано решение како трета опција…

Како трето решение за клупата во опција се поранешниот селектор Звонко Шундовски и Зоран Кастратовиќ. Или комбинирано, но, реално тешко остварливо решение, за да се задржи досегашниот курс. Во таа комбинација за селектор е Илија Темелковски кој во претходниот состав му беше помошник на Лино Червар. Но, бидејќи Темелковски за разлика од гореспоменатите тренери, нема Мастер лиценца, тој би требало да го обезбеди легитимитетот со адекватен помошник или во превод, да ја води репрезентацијата заедно со Данило Брестовац кој формално би го покривал тој дел со својата европска тренерска лиценца. Или како втора резервна опција враќање на старата комбинација Илија Темелковски во тандем со Гино Стрезовски. Што е исто така тешко остварлива, а и премногу „еврегрин“ комбинација за репрезентација која тежнееме да фати чекор со современите европски ракометни трендови.

Каква ќе биде конечната одлука и киој ќе ја добие довербата од РФМ, треба да се реши деновиве.

Се вчитува...