Раул Гонзалес од денеска повеќе не е селектор на ракометната репрезентација на Македонија, петнаесетина дена по завршувањето на СП 2019 и победата во Келн над Чиле, што ќе остане запишан како последен натпревар на „Ел Команданте“ на клупата на „црвено-жолтите“. Разделбата не е изненадувачка ако се земат во предвид случувањата во изминатиот период, особено откако Гонзалес го напушти Вардар за ПСЖ, па сосема логично со самото тоа му се променија и приоритетите во кариерата.
„Џокер во ракавот“ по кој Гонзалес беше препознатлив и против најмоќните противници целосно изостана на СП во Германија, a за вообичаено тивкиот Шпанец зачудувачки беа и гласните реакции и изговори, како „само овде се мисли на иднината наместо на сегашноста“ и „зошто цело време се прашува за младите“ или за „седум на шест“.
Раул Гонзалес останува во минатото, а челниците на Ракометната Федерација на Македонија ја почнуваат потрагата по нов селектор на националниот тим. Во следните денови и официјално ќе биде раскинат договорот меѓу РФМ и „Ел Команданте“, со што ќе се стартува и со процедурата за потрага по нов кормилар.
„Процедурата ќе се следи како вообичаено, најпрвин ќе го раскинеме договорот со Раул, а потоа ќе се формира комисија, по што ќе биде објавен и конкурс за селектор. Името на новиот селектор би можело да биде познато за околу еден месец“ – откриваат од македонската куќа на ракометот.
Како една од опциите останува довчерашниот асистент на Гонзалес, Роберто Гарсија Парондо. Шпанецот е актуелен тренер на Вардар и ќе остане во Скопје најмалку до крајот на сезонава, што му дава можност да ги доврши квалификациите за ЕП 2020.
Челниците на РФМ сепак размислуваат и за долгорочно решение за селекторската функција, откако последните два избори, Червар и Гонзалес, си заминаа предвреме. Трите селектори што актуелното раководство на федерацијата ги именуваше беа странци (Обрван, Червар, Гонзалес), па интересно ќе биде да се види дали повторно ќе биде направен сличен избор, или одлуката ќе биде избран домашен стручњак – што би бил прв Македонец на клупата на репрезентацијата откако Шундовски самиот си замина поднесувајќи си оставка по СП 2013 во Шпанија.
Недостигот на врвен домашен тренерски кадар е сериозен проблем, па ако Данило Брестовац како предводник на младинската селекција (и освоено прво место во Б-дивизијата) важеше за логичен кандидат – овој стручњак не си направи услуга со преселбата во аматерскиот Луксембург. Уште поголем проблем за Брестовац се очајните резултати како тренер на Металург, во кој се создава база за идната генерација репрезентативци, но исто така се креира и губитнички менталитет (како во ЛШ, така и во СЕХА-лигата, која никогаш не била послаба од сезонава), што го прават преголем ризик за селектор на сениорите во ситуација кога со поразот од Грција и пласманот на ЕП 2020 не е осигуран.
Македонската ракометна репрезентација наредните предизвици ќе ги има во април, со двомеч против Исланд во квалификациите за ЕП 2020. Со кој селектор на клупата, ќе дознаеме за триесетина дена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА