Нов скандал во ФИФА: Кривична пријава за Џани Инфантино

Специјалниот обвинител на Швајцарија, Стефан Келер, најави кривична постапка против претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кој на оваа функција е од 2016 година откако го наследи Сеп Блатер.

Во прашање се односите меѓу Инфантино и швајцарскиот државен обвинител, Михаел Лаубер, кој претходно понуди оставка поради состанокот од 2017 година. Келер, кој е нов специјален обвинител на Швајцарија, отворил истрага против Инфантино откако пристигнаа четири анонимни извештаи преку кои се открива дека Лаубер ги сокрил деталите за средбите со Инфантино одржани во 2016 и 2017 година во врска со истрагата за купување на домаќинството на Светското првенство во 2006 година кое Германија го доби пред Јужноафриканската република.

Поранешниот главен државен обвинител е на удар откако судењето на поранешните претседатели на Германската фудбалска асоцијација, Волфганг Ниерсбах и генералниот секретар на ФИФА, Урс Линс, кои беа „обвинети за купување на домаќинството“, заврши поради застареноста на делото.

„Целата работа е апсурдна. Средбата со главниот обвинител во Швајцарија е целосно легитимна и правна работа. Во интерес и на ФИФА е овие анонимни поплаки да бидат истражени што е можно поскоро“ – истакна Инфантино околу кривичната постапка.

Се вчитува...