Собранието на Фудбалската федерација на Македонија, денеска во хотелот „Хилтон“ во Скопје го донесе новиот Статут на ФФМ што беше и најзначајната одлука на денешниот собир на делегатите на највисокиот орган во македонскиот фудбал.
Со новиот Статут, конечно и прволигашите ќе добијат свои директни делегати во нависокиот орган на ФФМ, а од новините во Статутот на ФФМ, покрај десетте делегати на десетте прволигаши, согласно барањата на УЕФА и ФИФА, отсега фудбалска Македонија, место по општински сојузи, ќе биде поделена на шест региони.
„Денес гласаме за нов Статут на Фудбалската федерација на Македонија. После 15 години, конечно ставаме крај на еден застарен, нефункционален систем и воведуваме ред. Статут изработен со УЕФА и ФИФА, кој не остава простор за импровизации. Да бидеме искрени, досега не зборувавме за реален фудбал, туку за бројки што не постојат“ – истакна Омерагиќ.
А, најголемите промени во новиот Статут…
„Претседателот ќе ја прави листата на членови на Управниот одбор во иднина. Исто така, десет прволигаши ќе дадат 10 делегати во Собранието, единствено двата клуба кои испаѓаат ќе имаат флексибилен статус, т.е ќе излегуваат од Собрание по губење на прволигашкиот статус. Ете, конечно клубовите влегуваат во Собранието. Исто така, фудбалска Македонија ќе биде поделена на шест региони, место општинските сојузи, со тоа што Скопје ќе биде еден регион и плус уште пет региони. Секој од регионите ќе имаат по десет делегати, а делегати во Собранието ќе има и Здружението на судии. Статутот е правен согласно барањата на ФИФА и УЕФА кои направија детална анализа на нашите статутарни одредби и укажаа на области кои треба да се усогласат со меѓународните стандарди. Во заедничкиот процес беше утврдено дека значителен дел од Општинските фудбалски сојузи се нефункционални или постојат само формално. Затоа, новиот модел предвидува регионализација, решение кое ќе создаде функционални структури, подобра застапеност и повисоко ниво на транспарентност“ – рече Омерагиќ и дополни:
„Исто така се воведува возрасна граница од 75 години за извршување функциии во фудбалот…. Ова е отворен и демократски статут, и затоа клубовите добиваат делегати преку кои и во Собранието ќе може да ги изразат своите видувања и барања“ – истакна првиот човек на ФФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА




























