Нов трилер-меч: Костески донесе хепиенд и победа за Македонија

ЕКИПА во Хернинг,

Стеван Цаневски

Македонија стигна до првата победа на ЕП 2026 откако по голема борба славеше над Романија со  24-23, стигнувајќи до третото место кое ќе донесе и улога на носител во ждрепката за вториот бараж за СП 2026. Во меч во кој имавме целосна контрола на резултат сепак дозволивме противникот во самиот финиш да се врати и израмни. Сепак, за разлика од дуелот со Португалија овојпат среќата беше на наша страна, Костески стрелаше прецизно пред звукот на сирената и ни ја донесе победата.

Иван Џонов и повреден стисна заби и настапи на овој натпревар, во стартниот состав како најистурен во зоната 5-1, а токму овој ракометар стрелаше прецизно од контрапанад за 1-0. Доминацијата продолжи, Џонов даде уште еден гол, потоа имаше и украдена топка и асистенција до Ненад Костески за 3-0 за Македонија за нецели четири минути од натпреварот. Романскиот селектор побара тајмаут во 5. минута, кризата на противникот продолжи (девет минути без гол), но Македонија не искористи неколку шанси за уште поубедлива предност од оние 3-0. Кузмановски со својот прв гол на мечот зголеми на 4-0 во 10. минута, пред Романија првиот гол да го постигне од пенал преку Станчу на истекот од 11. минута.

Романците тргнаа со 7 на 6 во нападот откако беа немоќни со 6 на 6, успевајќи да намалат на само два гола негатива (6-4, 17. минута). Разликата се движеше меѓу два и три гола, не искористивме неколку шанси да се вратиме на „плус четири“, па на шест минути до крајот на полувремето резултатот гласеше 9-7. Ѓоргиев презеде одговорност, даде гол за 10-7, а потоа и изнуди пенал и исклучување по што Кузмановски зголеми на 11-7. Доминацијата продолжи, Пешевски погоди за 12-7, но повторно му дозволивме на противникот да се разбуди и да намали на 12-9. Лазаров зеде тајмаут, а веднаш потоа следеше атракција, цепелин Џонов – Костески за 13-9, резултат со кој се замина и на одмор.

Второто полувреме го почнавме одлично, набрзина поведовме ао 15-10, резултат при кој не искористивме зицер од контранапад преку Костески. Казната стигна со два гола во низа на Романците за 15-12, со нападите седум на шест повторно ни создаваа проблеми (16-13). Не успеавме уште еднаш да се одлепиме, а проблемите се зголемија откако по исклучувањето на Стојковиќ, противникот од пенал во 43. миинута намали на 18-16, па Лазаров мораше да побара тајмаут на половина од второто полувреме, при резултат 19-17.

Митев изнуди пенал што Кузмановски мајсторски го реализираше со лоб за 20-17, но веќе во следниот напад се појави нов проблем – Аларов доби црвен картон за удар во лвратото на противничкиот ракометар. Томовски имаше две клучни интервенции со играч помалку на терен, а во последните девет минути влеговме со водство од 21-19, по новиот пенал што го реализираше Нистор, по што ние не реализиавме пенал на спротивната страна преку Серафимов.

Кузмановски уште еднаш се покажа како вистински лидер, повлекувајќи контранапад и изнудувајќи пенал и исклучување што тој самиот го претвори во гол за 22-19. Романците го сменија голманот за завршните седум минути, намалија на 22-20, а при овој резултат исклучен беше нашиот капитен Кузмановски. Казната стигна со два брзи гола на противникот и израмнување на 22-22 на четири минути до крајот.

Џонов промаши зицер од крило, а на две минути до крајот Кумпаничи доби директен црвен картон поради удар со лакотот во главата на Атанасијевиќ. Лазаров побара тамаут на 77 секунди до крајот при наш напад со играч повеќе, не ја одигравме акцијата најдобро, но добивме пенал од судиите што Кузмановски го претвори во гол за 23-22. Романија тргна „седум на шест“ во последниот напад“, дадоа гол на 10 секунди до крајот, но Македонија стигна до заслужена победа – Ненад Костески беше херојот  по додавањето на Кузмановски за конечните 24-23.

Кузмановски со девет гола повторно беше клучна фигура, по три погодоци постигнаа Ѓоргиев, Митев и Костески. Од голманите, Томовски имаше пет, а Митревски две интервенции на овој натпревар.

Се вчитува...