Нов трилер против Кожув со хепиенд за Работнички

Кошаркарите на Работнички ја забележаа втората победа во Супер-лигата, триумфирајќи над тимот на Кожув со минимални 68-67. Идентично како и на првиот натпревар меѓу овие два тима во „Градски парк“, Кожув прикажа храбра игра и одлично се бореше, но на крајот пресуди искуството на домашниот состав, кој знаеше како да добие ваков тесет натпревар. Кожув има за што да жали бидејќи ја имаше меч-топката во своите раце, но Мекнил ја загуби топката при последниот напад, со што тимот од Гевгелија претрпе уште еден пораз во Супер-лигата.

Работнички подобро го отвори натпреварот и по неколку минути игра поведе со 9-5, но домаќините потоа влегоа во криза при реализацијата, па Кожув пред крајот на четвртината поведе со 12-13, за со подобра игра во самата завршница гостите да поените на Димчевски и Апостолов да поведат со 15-20. На самиот старт од втората четвртина работите во свои раце ги презеде Ѓорѓи Чековски, па искусниот крилен центар со седум поени во низа експресно ја врати предноста кај домашниот состав (22-20). Мијовиќ ја прекина низата на Чековски, воедно и стартуваше серија од 7-0 на гостинскиот тим, кој набрзина поведе со 22-29. Работнички навреме успеа да се консолидира, па со тројката на Тасовски на одмор се замина со израмнети 38-38.

IMG_6653

Третиот период од натпреварот донесе израмнета игра, во која двата тима се менуваа во предност. Работнички имаше најубедливи „плус три“ (50-47), но Кожув беше тимот што влезе во последните десет минути со минимални 52-54, по забивањето на Штерјов. Кожув одржуваше резултатска неизвесност, но потоа две грешки на Американците на гостинскиот тим му овозможија на Работнички да стигне до предност од 66-61, принудувајќи го Михајловски на тајмаут. Ѓурасовиќ со тројка ја врати неизвесноста, па Марин Докузовски побара тајмаут на нешто повеќе од две минути до крајот. Дојде ред домаќините да имаат проблеми со реализацијата, Кожув поведе со 66-67, пропушти и шанса за уште поубедливо водство, по што Тасовски со две слободни фрлања донесе предност на Работнички од 68-67, на 19 секунди до крајот. Михалјловски зеде тајмаут, но се беше попусто бидејќи неговите кошаркари во клучниот момент ја загубија топката, па Работнички идентично како и во првиот дуел во Скопје меѓу овие два тима славеше со еден поен разлика.

Илиевски со 13 и Чековски со 12 поени беа најефикасни во редовите на Работнички, додека прв стрелец на Кожув при денешниот пораз беше Мекнил со 13 поени.

Се вчитува...