Денешниот натпревар против Словачка го означува и стартот на новиот циклус на македонскиот национален тим, овојпат во претквалификациите за Европското првенство до 2021 година. Вообичаено е по секој неуспех да следи ремонт, но овој македонскиот делува како преголем „рез“, особено ако се знае дека последното квалификациско фијаско се случи пред само три месеци, а селекторот Давитков во меѓувреме што по свој избор, што поради повреди и надворешни фактори (Џордан Теодор) беше принуден речиси целосно да го промени изгледот на репрезентацијата.
Само за споредба, претквалификациите за СП 2019 ги почнавме во Приштина против Косово, натпревар на кој Македонија излезе со стартна петорка: Џордан Теодор, Адем Мекиќ, Војдан Стојановски, Диме Тасовски и Ѓорѓи Чековски. Од овие петмина, вечерва во Попрад на теренот ќе се појави само Војдан Стојановски, откако Теодор воопшто не допатува на подготовките, Тасовски не се најде на скратениот список на Давитков, Чековски се повреди, додека Мекиќ отпадна при „последниот филтер“. Во однос на тој натпревар со Косово, во составот ќе ги немаме ниту Јанески и Костоски, па јасно е дека во овој нов циклус Македонија ќе влезе со тотално променет „лик“.
Најголеми промени ќе има на плејмејкерската позиција, каде ќе бидеме без Теодор и Костоски. Товарот на прв плејмејкер најверојатно ќе падне врз младиот Ненад Димитријевиќ од Хувентуд, а како резервни опции Давитков ги има и Магдевски и Караџовски, кои не беа дел од националниот тим во август, како и Стајиќ, чии квалитети му се познати на селекторот од претходните претквалификации. Дарко Соколов ќе донесе искуство на бековската линија, а голем „плус“ се очекува да биде камбекот на Дамјан Стојановски, кој ја остави зад себе тешката повреда и прикажува добри игри во дресот на МЗТ Скопје. На крилната позиција го имаме и Стојан Ѓуроски, кој сигурно ќе има дополнителен мотив за докажување во потрагата по нов ангажман, по финансискиот колапс на Карпош соколи.
Отсуството на Чековски, како и новото откажување на Бојан Трајковски, се сериозен проблем што сепак има добро решение во камбекот на Ричард Хендрикс, искусниот центар кој ќе внесе сигурност во нашата игра под рекетот. Давитков за овој дел од тимот го има и Младеновски, кој игра во одлична форма во Словенија, тука е и Кире Николовски, но и Бојан Крстевски, кој поради повреда не играше во август, но сезонава прикажува добри партии во дресот на Работнички.
Очигледно е – тимот е значително променет, а Давитков и самиот долета во Скопје во „пет до дванаесет“, со само неколку тренинзи и без ниту еден контролен натпревар за да од оваа комбинација на играчи состави силен колектив. Токму затоа предизвикот е поголем, денеска против Словачка нашите кошаркари да одиграат на посакуваното ниво и да го запрат големиот пад што му се случува на македонскиот национален тим во последните неколку години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА