Нов убедлив пораз: Холандија е класа за Македонија

Женската ракометна репрезентација на Македонија загуби од Холандија 15-30 во натпревар од 2. коло во групата Ц на Европското првенство 2022 година.

По две минути без гол, Холанѓанките први ја затресоа мрежата на овој меч, преку Ингер Смитс за водство од 0-1. Откако Холандија поведе со 0-2, првиот погодок за нашите девојки на мечот го постигна Дабевска од пикерска позиција во петтата минута (1-2).

Следеше серија на гостинките од три гола по која по осум минути игра стигнаа до највисоките до тој момент плус пет (1-6), по кои селекторот Љубомир Савевски мораше да го повика првиот тајм-аут на натпреварот.

По тајм-аутот Јована Кипријановска го постигна вториот гол за Македонија, па по десет минути игра резултатот на семафорот изнесуваше (2-6). Веднаш потоа следеше погодок и на Сара Ристевска со кој намаливме на минус три (3-6).

Холанѓанките повторно влегоа во серија па со три гола во низа, по петнаесет минути игра стигнаа до највисоките плус шест (3-9). Холанѓанките продолжија да го полнат нашиот гол па по 20. минути игра веќе имаа и плус седум (5-12). Следуваа два гола во низа на Сара Ристовска со кои Македонија на осум минути до крајот на првиот дел стигна до пет негатива (7-12). До крајот на првиот дел Холанѓанките до максимум ги искористија нашите промашени зицери и на пауза отидоа со највисоките плус осум (9-17).

Мицевска одлично го отвори второто полувреме со две одбрани, но нејзините соиграчки тоа не го искористија во нападот па по три минути игра се уште стоеше  резултатот од полувреме (9-17). Холанѓанките успеваа да ја задржат предноста од седум голови разлика во првите десет минути во вториот дел, а по 40 минути игра имаа предност од (13-20).

По пет минути игра без погодок на двете страни, црната серија ја прекина Ван дер Хејден која во 49. минута зголеми на највисоки плус девет (14-23). Холанѓанките првпат до двоцифрена предност стигнаа во 51. минута кога поведоа со 14-24.

Нашата репрезентација во последните 20 минути постигна само еден гол, а Холандија на крајот стигна до конечен триумф од 15-30.

Сара Ристовска со три постигнати гола беше прво име во нашиот табор, додека кај Холанѓанките Ингер Смитс заврши со седум гола.

Се вчитува...