Кратко траеше авантурата на Џордан Лојд како член на Макаби откако американскиот кошаркар реши да си замине, а израелскиот клуб му дозволи предвреме да ја прекине соработката.
Лојд пристигна минатото лето од Монако и беше најавуван како главен играч во тимот, но влошената безбедносна состојба во Израел беше причина тој уште пред извесно време да го изрази незадоволството и да побара заминување. Американецот настапи на синоќешниот дуел против поранешниот клуб Монако, а неколку часа подоцна беше официјализирано дека тој повеќе не е член на Макаби.
„Макаби и Џордан Лојд се договорија кошаркарот да го напушти нашиот тим. Му посакуваме на Џордан многу среќа во иднина“, објави Макаби на своите профили на социјалните мрежи.
Лојд сега е многу блиску до трансфер во редовите на Фенербахче, откако се најде високо на листата со желби на тренерот Јасикевичиус по повредата на Скоти Вилбекин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА