Нов удар за Реал: Белингем пропушта најмалку два месеца од новата сезона

Реал Мадрид остана без место во финалето од клупскиот мундијал, а тренерот Чаби Алонсо денеска дозна нова лоша вест – дека наредната сезона ќе мора да ја стартува без помошта на Џуд Белингем.

Англискиот ас би требало да биде една од клучните фигури во средниот ред, но Алонсо ќе мора да се снаоѓа без негова помош бидејќи Белингем ќе мора да замине на операција поради повредата на рамото што го мачи веќе подолго време. Тој играше повреден на овој клупски мундијал, а однапред беше договорено веднаш по завршувањето на настапот во САД да замине „под нож“.

Сепак, последните информации говорат дека состојбата во меѓувреме му се влошила, што ќе се одрази и врз времето на рехабилитација. Првите прогнози велат дека Белингем ќе отсуствува околу четири месеци од терените, што би значело дека ќе ги пропушти целите подготовки на Реал, како и најмалку два месеца од новата натпреварувачка сезона.

Во ситуација кога средниот ред е сериозно истенчен по заминувањето на Модриќ, јасно е дека неиграњето на Белингем ќе биде сериозен удар за „кралевите“ на стартот од авантурата на новиот тренер, како во Примера дивизион, така и во Лигата на Шампионите.

Се вчитува...