Нова бизнис-лудост: Кепа ќе брани за Наполи, но 75% од платата ќе му ја плаќа Челси

Челси продолжува да изненадува со очајните потези на бизнис план летово, откако новите газди не успеваат да најдат начин да се ослободат од прескапите засилувања на претходната управа. Овојпат тоа ќе го искористи раководството на Наполи, кое ќе го доведе Кепа во своите редови на позајмица, и тоа под одлични услови.

Ромелу Лукаку беше пуштен на позајмица за 10 милиони евра нецели 12 месеци откако беше купен за над 100 милиони евра, а сега Челси е принуден на слична работа и кога станува збор за Кепа. Најскапиот голман во фудбалската историја се покажа како суперпромашување, цела сезона му ја грееше клупата на Менди освен на куп-натпреварите, а и таму се покажа како трагичар откако го промаши последниот пенал во рулетот со Ливерпул во финалето од лига-купот.

Челси втора година по ред не успева даго продаде Шпанецот, па „сините“ на крајот беа принудени да го испратат на позајмица. И за ваква опција немаше премногу заинтересирани, пред се поради преголемата плата што ја зема голманот. Наполи испрати понуда што на прв момент делуваше смешно, но според последните информации Челси е подготвен да ја прифати. Според неа, Кепа следната година ќе брани за тимот на Елиф Елмас, но „наполитанците“ ќе плаќаат само 25% од неговата плата. Тој не сака ни да чуе за намалување, па Челси е принуден да покрива 75% од заработувачката на голманот, па вкупната сума сигурно ќе биде под она што Наполи ќе го плати за позајмицата.

Се вчитува...