Нова „бомба“ го стресе „Олд Трафорд“: Роналдо си оди, новиот клуб ќе биде објавен на 7. јули!?

Кристијано Роналдо одигра супер прва сезона во Манчестер Јунајтед, но и покрај тоа клубот не успеа да ги оствари посакуваните цели, па на крајот дури остана и без пласман во Лигата на шампионите.

Роналдо не е задоволен од веќе изминатата сезона, а дополнително му пречи и слабата амбициозност на Јунајтед во текот на ова трансфер лето.

Во изминатиов период Португалецот се поврзуваше со Баерн Минхен, Челси … или поточно според медиумите неговиот агент Мендеш го нуди низ добро познати клубови на стариот континент. На оваа листа беше и спомената Рома, тим кој никој не го сфати сериозно или се сметаше како нова шпекулација, меѓутоа ситуацијата може и да е поинаква ако се точни информациите кои ги има некогашниот италијански репрезентативец Анџело Ди Ливио.

„Од различни извори знам дека Рома се обидува да го ангажира Кристијано Роналдо и дека 7 јули би можел да биде датумот на објавувањето. Тоа е индискреција, но упорно кружи во светот на фудбалот. Случајно разговарав со пријател кој работи на телевизија и кој пред неколку дена на вечера дознал за преговорите за Кристијано од важен менаџер на клубот,“, вели Ди Ливио.

Оваа информација ја потврди и Фабио Петруци кој долги години беше член на тимот од Рим.

„Знам од добар извор, од многу угледна личност, дека Рома на сите начини се обидува да го добие Кристијано Роналдо. Ќе треба да се испеглаат деталите, за правата на имиџот, но знам дека ќе го напушти Јунајтед“, порача Петруци.

Ако ова се реализира Роналдо одново ќе соработува со Жозе Мурињо со кого претходно беа заедно во Реал Мадрид.

Се вчитува...