Нова димензија: Од „ВИП“ соба да го гледаш Баерн Минхен на „Алијанц“ арена

Фудбалскиот клуб Баерн Минхен стапи во соработка со ланецот на хотели „Кортјард“ во сопственост на „Мериот“, а нивното партнерство ќе овозможи уникатен начин на следење на натпреварите кои баварскиот гигант ги игра на „Алијанц“ арената. Имено, двете компании се согласија на специфичен проект кој ќе нуди незаборавно искуство на фановите, над трибините во фудбалскиот храм во Минхен ќе има луксузна соба со балконски поглед кон самиот терен, што воедно ќе бидат означени како „најдобрите седишта“ на стадион.

Значи, среќниците ќе можат да гледаат квалитетен фудбал додека се одмораат на удобен кревет во кралска големина. Собата ќе биде декорирана со камин за поубав амбиент, а секако во било кој момент ќе може да се употребува и телевизор, доколку на гостите им е здодевно да го гледаат Левандовски како реди хет-трикови.

Единствен начин да се добие престој во оваа соба ќе биде преку наградна игра, поточно со собирање на поени користејќи ги сите „Мериот“ објекти.

„Нашето партнерство ќе овозможи незаборавно искуство за нашите фанови, да дојдат и да проследат меч на еден од најголемите европски клубови. Ќе се гради луксузна соба која ќе нуди единствен поглен кон теренот“, истакна претседателот на Баерн, Карл Хајнз Румениге.

 

Се вчитува...