Франција обезбеди пласман во полуфиналето од СП 2021 откако „триколорите“ во одличен меч вечерва славеа над Унгарија со резултат 35-32, по продолженија од двапати по пет минути. Избраниците на селекторот Жил се вратија од „минус шест“ по катастрофалниот старт на четвртфиналето, покажувајќи и карактер и квалитет на патот до нова битка за медал. Подмладениот состав на Унгарија заслужува само комплименти за настапот на овој мундијал, особено откако се врати од три гола негатива во самиот финиш и се избори за продолженија. Сепак, Унгарците немаа сили и концентрација во нападот во дополнителните десет минути, па на крајот претрпеа несреќен пораз.
Унгарските ракометари стартуваа фуриозно, првите седум напади ги крунисаа со гол, па веќе во 11. минута поведоа со преубедливи 7-1. Францускиот селектор Жил не побара тајмаут, но „триколорите“ почнаа да се враќаат штом се разбрани голманот Жерар, кој првата интервенција ја имаше во 15. минута. Ветеранот Гигу постигна неколку значајни голови, Фабрегас освои неколку одбиени топки, па „триколорите“ до крајот на полувремето се приближија на само два гола негатива (14-12).
Французите продолжија во ист ритам и во вториот дел, па во 41. минута стигнаа и до првото водство на мечот (20-19). Миклер првата одбрана во второто полувреме (имаше дури 11 во првиот дел) ја забележа дури во 49. минута, при водство на Франција од 25-24. Унгарците парираа до 25-25, но потоа „триколорите“ презедоа контрола и со голот на Лагард во 42. минута за првпат поведоа со „плус три“ (28-25). Одбраната предводена од голманот Генти делуваше одлично, Унгарија се почесто остануваше без реализација на нападите, но кога се помисли дека мечот е готов, повторно драма во Египет. Неколкуте грешки во финишот придонесоа Франција од 30-27 да дојде на само „плус еден“, па повторно да ја загуби топката, по што Бахниди во последната минута израмни на 30-30. Жил побара тајмаут, но Унгарците одлично се одбранија и ова четвртфинале мораше да биде решено со продолженија.
Дополнителниот период почна со промашен пенал за Франција, но „трилолорите“ пред се благодарение на одличната одбрана го завршија првото продолжение со минимално водство од 32-31. Жерар блесна со одбранет седмерец на самиот почеток од второто продолжение и ги најави главоболките на Унгарците, кои и во овие пет минути постигнаа само еден гол, премалку за да направат сензација, за конечни 35-32 на овој суперинтересен четвртфинален натпревар.
Гигу беше најефикасен во францускиот состав со шест гола, пред Деска со пет и Ремили со четири погодоци. На спротивната страна, кај Унгарија најдобар поединец во нападот беше Банхиди со шест погодоци.
Франција во полуфиналето ќе се сретне со Шведска, која во својата четвртфинална пресметка го декласираше Катар со 35-23.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА