Очајните игри на МЗТ Скопје во 2016 продолжија и на стартот од новата 2017 година, откако „металците“ претрпеа убедлив пораз на домашен терен од Цедевита (79-100). Македонскиот првак пред два месеци играше егал меч со истиот ривал во Еврокупот, но овојпат „сино-белите“ капитулираа уште во првото полувреме, покажувајќи дека се недораснати за битки со најдобрите тимови во регионот. Отсуството на неколку првотимци никако не може да биде изговор за очајното издание и 100-те примени поени, по кои МЗТ останува закопан на дното на табелата во АБА-лигата.
Отпорот на „металците“ траеше само десет минути, период во кој одличен беше Скот, а гостите водеа со минимални 21-22. Одбраната на македонскиот првак потоа доживеа вистински дебакл, па само во втората четвртина Цедевита постигна дури 31 поен, па на одмор се замина со резултат 36-53. Во овој дел од мечот најзабележителни беа Американците Џејмс и Боутрајт, кои го наполнија кошот на „сино-белите“ и по само 20 минути игра ја осигураа победата на Цедевита.
МЗТ Скопје само за момент успеа да влезе во серија и дојде до „минус единаесет“ (53-64), но потоа Билан и Шурна реализираа, Цедевита повторно влезе во својот препознатлив ритам и експресно ја врати разликата над 15 поени. Последната четвртина беше само рутина за искусниот гостински состав, кој ја одржуваше убедливата предност се до конечниот триумф од 79-100.
Американецот Скот реализираше 23 поени, осум скока и пет украдени топки, а Тејмс на првиот меч по камбекот постигна 18 поени.
МЗТ Скопје во следното коло на 8 јануари гостува во Загреб, на мегдан со екипата на Цибона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА