Организациските аномалии на репрезентативните кошаркарски собири се докажани во бројни наврати изминатите години. Со уште една потврда денеска откако од „куќата на кошарката“ пристигна информацијата дека нашата селекција за играчи до 16 години нема да учествува на ФИБА-челинџер турнирот кој ќе се одржува во Скопје.
Причината е добро позната, коронавирусот во редовите на нашата селекција што се рашири кај најмалку пет кошаркари од катастрофалната одлука на луѓето од федерацијата, да ја пуштат селекцијата на пат без да ги добијат тестовите направени во Скопје. Кога играчите стигнале во Ниш, ја добиле и информацијата дека двајца од нив се позитивни, а организираниот превоз под сите стандарди за ковид-протоколи (комбе за играчи и стручен штаб) „придонел“ бројката по враќањето во Скопје да се зголеми на пет.
Федерацијата најпрвин го криеше случајот, па наместо вината да ја побара во своите редови ги обвини новинарите за ширење негативна енергија. Денеска, официјално е откажано учеството на Македонија на челинџерот во Скопје, додавајќи дека поради коронавирус дел од овој турнир нема да биде ниту Грција.
Притоа, од КФСМ се пофалија дека „спортскиот директор Тодор Гечевски е во постојан контакт со момчињата кај кои беше констатирано присуство на вирусот. Работите се движат во позитивна насока, кај заразените не се појавени некои посериозни симптоми со кои би било нарушено здравјето на младите кошаркари“. Но, од „куќата на кошарката“ (не)намерно молчат кој се грижи за тие деца и кој ќе ја преземе одговорноста доколку некој од нивните најблиски се зарази од коронавирус.
За потсетување, ова не е прв случај на лоша организација во период на коронавирус. Сениорската репрезентација на Македонија не се најде во „балон“ на подготовките за квалификацискиот турнир во Талин, па по пристигнувањето во Естонија имавме неколку позитивни случаи, по што кошаркарите се вратија дома без одигран меч, а дел од нив „заглавија“ уште две седмици во балтичката држава. Слично мина и женската кошаркарска репрезентација, на кои за подготовки им беше избран хотел полн со туристи. Пред тргнувањето за Рига бројни кошаркарки, како и селекторот и еден од асистентите беа позитивни на коронавирус, поради што македонската експедиција воопшто не отпатува за Летонија.
Сите тие случки, исто како и оваа, се ставаат под „тепих“. Деца до 16 години се пуштени на пат во странска држава без да се сочекаат резултатите од направените ковид-тестови. Оттаму почна хаосот поради кој Македонија нема да учествува на силниот ФИБА-челинџер, но и што е уште поважно, загрозено е здравјето на младите кошаркари и нивните семејства кои сега се грижат за нив.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА