Мохамед Салах продолжува да ги собира индивидуалните признанија на „островот“ откако асот на Ливерпул повторно беше избран за најдобар фудбалер во Премиер-лигата. Откако минатата седмица ја доби наградата од фудбалерите, Египќанецот денеска пред тргнувањето за Рим го прими и признанието што му беше врачено од фудбалските новинари во Англија.
Над 400 новинари гласаа за најдобрите во оваа натпреварувачка сезона, при што Салах доби најмногу гласови, пред Кевин де Бруин од Манчестер сити и Хари Кејн од Тотенхем. Неофицијално, разликата меѓу Салах и Де Бруин била помалку од 20 гласа. Фудбалерот на Ливерпул е првиот Африканец што ја добива оваа награда, што се доделува од 1948 година, со која ќе биде главна ѕвезда на гала-вечерата што ќе се организира на 10 мај во Лондон.
Минатата сезона со оваа награда се закити Нголо Канте од Челси, а пред него со признанието се закитуваа Џејми Варди, Еден Азар, Луис Суарез, Герет Бејл…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА