Македонската одбојкарска репрезентација обезбеди втора победа во третиот натпревар од турнирите за квалификации на Европско првенство во 2021-та година. Со вкупен резултат од 3-0 во сетови, Македонија оствари важна победа над селекцијата на БиХ, која ја доближува нашата репрезентација до остварување на европскиот сон, втор настап во низа на континенталните собири.
„Спартанците“ одлично го отворија натпреварот и обезбедија брзи два поени разлика, што беше најава за мотивираност и одлучност во текот на целиот прв сет. Во моменти кога се чинеше дека ова ќе биде брза и лесна игра за нашата репрезентација, одбојкарите на Босна и Херцеговина фатија ритам и за прв пат на мечот ја анулираа нашата предност, обезбедувајќи нерешен резултат од 16-16. Сепак, Македонија ја имаше контролата над играта, брзо се консолидираше и обезбеди освојување на првиот сет со вкупен резултат од 25-20.
Ослободени од товарот и притисокот, нашите одбојкари беа супериорни и во стартот на вториот сет. Натпреварот се одвиваше во супер, лесна и брза игра, па Макеоднија обезбеди солидна предност од 13-8. За краток период следуваше реприза на првиот сет, па одбојкарите на БиХ повторно изедначија на резултат од 16-16. „Жилавите“ гости не попуштија, па во еден момент обезбедија и предност од 20-21. Во СЦ „Борис Трајковски“ се случи вистинска драма, тешката борба и лудата завршница припадна во наша корист, па „црвено-жолтите“ обезбедија водство од 2-0 во сетови (26-24).
Фуриозен почеток Македонија забележа и во третиот сет. Имавме беспрекорен сервис и одлична одбрана, а ова донесе и висока предност за нашата репрезентација од 12-5. Нашите одбојкари покажаа вистинска моќ и сила, демонстрираа врвен квалитет до крајот на натпреварот, остварувајќи ја ветената победа со убедлив резултат од 3-0 (25-13).
Во последниот натпревар од овој квалификациски циклус Македонија ќе се сретне со Турција, меч закажан за в сабота, откако вчера загубивме од овој ривал со 1-3 во сетови.
На крајот од квалификациите за учество на Европското првенство во одбојка за мажи, што ќе биде организирано како два одделни турнири, тимовите кои во своите групи ќе го освојат првото место и најдобрите 5 второпласирани репрезентации ќе имаат право да учествуваат на ЕП 2021, што заеднички ќе го организираат Полска, Чешка, Естонија и Финска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА