Нова понуда до Јуве, Севилја влегува во трка за Дејан Кулушевски

Севилја е заинтересирана за крилниот напаѓач на Јувентус, Дејан Кулушевски. Во последните недели се шпекулира дека „бјанконерите“ се подготвени да се разделат со 21-годишниот талентиран играч и тоа го привлече вниманието на се повеќе клубови, а еден од нив е и Севилја. Андалузискиот прволигаш не успеа да го договори Марсијал од Манчестер Јунајтед, па сега вниманието е насочено кон Кулушевски.

Според „Калчомеркато“, Швеѓанецот го бараат англиските Арсенал и Тотенхем. Сепак, се чини дека во битката за неговиот потпис може да се вклучи и тимот од Андалузија. Тренерот Лопетеги сака да ја засили конкуренцијата на напаѓачките позиции и вниманието го насочи кон талентираниот Швеѓанец со македонско потекло.

Во оваа фаза, Јувентус е подготвен да се раздели со Кулушевски, но само со директна продажба и за сума не помала од 35 милиони евра. На клубот му требаат свежи средства и тоа е една од причините зошто се подготвени на ваква распродажба за да ја наполнат касата. Кулушевски беше доведен во Јувентус од Аталанта во летото 2020 година за 35 милиони евра. Досега има одиграно 68 натпревари и постигнато осум гола за „старата дама“.

Се вчитува...