Леонардо Бонучи пред две лета си замина од Јувентус во Милан, лани се врати назад во таборот на „старата дама“, но како што стојат работите италијанскиот репрезентативец ќе треба повторно да ги пакува куферите. Причина за ова е трансферот на Матијс де Лихт од Ајакс, со кој Бонучи ќе стане „прекуброен“ во Јуве, а летово на 32-годишна возраст ќе биде последна шанса за италијанскиот гигант добро да заработи на негов трансфер.
Во прилог на Јувентус оди и фактот дека ПСЖ се уште интензивно трага по врвен дефанзивец. „Светците“ во последен момент се откажаа од трката по Де Лихт, па сега вниманието го насочуваат кон Бонучи. Сумата што Јуве ја бара од околу 40 милиони евра е нешто што францускиот првак може без никаков проблем да си ја дозволи, исто како и платата од осум милиони евра што италијанскиот дефанзивец ја бара.
За очекување е „старата дама“ во следните 48 часа да го комплетира трансферот на Де Лихт, по што ќе се интензивираат и преговорите за продажба на Бонучи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА