Нова рели авантура за македонскиот екипаж Димушевски – Ѓушиќ

По успешното овосезонско деби на релито Мионица во Србија во рамките на ЦЕЗ рели шампионатот, викендов македонскиот рели екипаж Владимир Димушевски и Бранко Гушиќ ги очекува нов голем предизвик со настапот на прославеното Србија Рели кое традиционално се вози во околината на Врњачка Бања.

Србија Рели наследник е легендарното Ју Рели чие прво издание датира уште од 1967 година и кое долги години беше централен рели настан во поранешна Југославија често пати и како дел од календарот на европскиот рели шампионат. Традицијата продолжи и во поновите времиња, па така и оваа година, ова ќе биде најзначајниот и најпознат автомобилистички настан кај нашиот северен сосед.

Организаторите најавуваат дека ова 55 –то издание на ова историско рели ќе биде воедно и најквалитетното и најбројното во последнава деценија собирајќи ги на едно место најдобрите рели екипажи од Турција, Бугарија и Романија. Честа на домаќините ќе ја брани најдобриот српски автомобилист, познатиот европски ас Душан Борковиќ.

Меѓу 46-те екипажи е и нашиот тандем Димушевски-Гушиќ со нивното возило Hyundai i20 Coupe, исто како и минатиот пат со подготовка и целосна логистичка и механичарска поддршка од бугарскиот рели тим MSA Motorsport Academy од Сливен.

Во меѓународни рамки, трката е дел од календарот на шампионатот на ФИА Европски рели трофеј – балканска зона, а зависно од исходот на оваа трка ќе се знае кои екипажи ќе имаат право на настап на финалето од овој шампионат кое се вози во ноември во Германија. Освен за ФИА, релито се бодува и за Отвореното првенство на Србија.

Релито трае два дена, 24 и 25 септември, долго е 500 километри, а компетитивни се 150 километри поделени во 12 брзински испити.

„Ова е сосема поинаков предизвик од релито во Мионица кое беше одлично за наше деби и загревање, но сега пред нас е вистинско рели од европски ранг – вели трикратниот македонски шампион на кружни патеки Владимир Димушевски. – Тука сме веќе од вторникот, трениравме и ја учевме патеката. Имаме одлична и локална поддршка како и бугарскиот тим кој ни го подготвува и сервисира возилото. Во нашата класа RC5 сме 5 возила заедно со два бугарски и два романски екипажи. Се надеваме да го повториме успехот од Мионица со пласман на подиумот во нашата класа. За ФИА Европскиот трофеј немаме големи шанси затоа што нашата група има преку 20 возила, претежно од посилните класи, така да тука било каков пласман ќе биде успех. Но, пред се, најважно е да стигнеме до крај и да го завршиме релито. За овие три дена колку што сме овде поминавме скоро 2.000 километри во тренинг – објаснува совозачот Бранко Гушиќ. – Етапите се многу долги, дел од нив сериозно опасни и тешки за учење. Првиот ден од релито е многу потежок, ќе има многу излетувања и откажувања. Тука треба да бидеме многу тактични и врвно фокусирани со цел пред се, да го “преживееме“ првиот ден, а потоа за во недела, да видиме кој ќе остане во трка и што можеме да направиме со пласманот. Овде има навистина врвни екипажи и тимови, организацијата е на врвно ниво, ќе имаме што да видиме и научиме, но се надевам дека и ќе имаме и ние што да покажеме.

 

Се вчитува...